Податоците на Еуростат покажуваат дека во ЕУ има благ раст од 0,1 година во однос на 2023, со што животниот век го надмина и нивото од пред пандемијата (81,3 години во 2019). Пад беше регистриран во 2020 и 2021 година, кога изнесуваше 80,4 и 80,1 година.
За Македонија нема проценка од Еуростат за 2024 година, но според Државниот завод за статистика, во периодот 2022–2024 животниот век изнесува 76,63 години. Кај жените тој е 78,86 години, додека кај мажите 74,48 години, односно за 4,4 години понизок.
Во споредба со претходните периоди, се бележи раст – за 1,3 години во однос на 2021–2023 и за 2,2 години во однос на 2020–2022. Сепак, во 2021 беше забележан остар пад, кога животниот век се намали за три години и пет месеци споредено со 2018 година (76,7 години).
На ниво на ЕУ, жените живеат подолго од мажите. Во 2024 година, животниот век кај жените изнесува 84,1 година, а кај мажите 78,9 години – разлика од 5,2 години. Во Македонија, јазот е помал и изнесува 4,4 години.
Родовите разлики варираат меѓу земјите: најголеми се во Латвија (9,8 години), Литванија (8,6) и Естонија (8,4), а најмали во Холандија (2,8), Шведска (3,1) и Ирска (3,4 години).
Регионалните разлики во ЕУ се исто така изразени. Најдолг животен век има во Комунидад де Мадрид (85,7 години), додека меѓу најниските се Северозападниот регион во Бугарија (73,9 години), како и региони во Франција и Унгарија.

















