Во Велес расте одбојкарската еуфорија, ГОК Борец третпат по ред ќе биде дел од завршницата на Купот на Одбојкарска федерација на Македонија, а оваа сезона повторно ќе се бори за големо финале. Втора година по ред, финалниот турнир во машка конкуренција ќе ги обедини истите четири екипи – бранителот на титулата Штип УГД, Струмица 47&72, како и ГОК Борец и Работнички 71&22.
Во полуфиналето, денес со почеток од 19:30 часот, Борец ќе се соочи токму со големиот ривал Работнички 71&22 – дуел кој сезонава редовно носи неизвесност и квалитетна одбојка. Од двата табора најавуваат нова жестока битка, достојна за Куп-завршница. Од редовите на Борец владее оптимизам и самодоверба. Одбојкарот Антонио Николов потенцира дека тимот расте од сезона во сезона и е подготвен за предизвикот:
„Секој натпревар со Работнички сезонава беше интересен, двата тима се многу квалитетни. Очекуваме добар меч. Ние многу мотивирани влегуваме во дуелот, од сезона во сезона Борец работи се посериозно, расте и подготвени сме за дуелот.“
Од другата страна, во Работнички 71&22 го гледаат пласманот на Ф4 како успех, но не се откажуваат од амбицијата за финале, и покрај проблемите со повредени играчи.
„Борец е искусен и квалитетен тим и тоа им дава одредена предност, но куп-натпреварите се еден меч и дозволени се изненадувања“, изјави тренерот Јованче Манасков.
Победникот од овој полуфинален дуел ќе обезбеди место во финалето, кое ќе се одигра в сабота од 19:30 часот, каде ќе се решава освојувачот на Куп-трофејот. За Борец, ова е уште една можност да го потврди континуираниот раст и да направи чекор повеќе – кон борба за трофеј.

















