Одбојкарите на Борец не успеаја да ја прекинат долгогодишната „суша“ во Купот на Македонија, откако во финалето во СЦ „Јане Сандански“ беа поразени од екипата на Штип УГД со 3:1 во сетови (25:17, 22:25, 32:30, 25:13). За велешани ова беше петто финале, но трофејот повторно остана недостижен, па единствената Куп титула и натаму останува онаа од далечната 1994 година.
Мечот понуди квалитетна и борбена одбојка, особено во првите три сета. Штипјани подобро го отворија натпреварот и со 25:17 поведоа со 1:0, но Борец брзо возврати. Велешките одбојкари одиграа сигурен втор сет и со 25:22 го израмнија резултатот на 1:1. Клучниот момент се случи во третиот сет, каде публиката уживаше во вистинска драма. Се играше поен за поен, а Борец имаше свои шанси да поведе, но не ги искористи. На крајот, по долга борба, Штип УГД дури во петтата сет-топка славеше со 32:30 и дојде до водство од 2:1.
Овој загубен сет очигледно остави трага кај велешани, кои во четвртиот сет целосно паднаа. Противникот тоа знаеше да го искористи и со убедливи 25:13 стави точка на натпреварот за конечни 3:1. И покрај поразот, Борец покажа дека е рамноправен со најдобрите, а нова можност за реванш ќе има во борбата за шампионската титула во првенството, каде токму овие два тима повторно важат за главни фаворити.

















