Пионерскиот ракометен тим на Гемиџии продолжува со одличните партии во првенството, откако на гостувањето во Кавадарци славеше против Тиквеш со 17:20 (8:11). Натпреварот не започна најдобро за велешани, бидејќи домаќинот имаше контрола и водство во првите минути, кое го задржа до 16. минута. Сепак, младите ракометари на Гемиџии не дозволија изненадување, со одлична серија направија пресврт и до паузата обезбедија предност од три гола.
Во второто полувреме, избраниците на тренерскиот тандем Радевски и Василев одиграа зрело и дисциплинирано, рутински ја одржуваа предноста и не му дозволија на Тиквеш да се врати во игра, што на крајот резултираше со нова победа. Ова е четврти триумф сезонава за Гемиџии, воедно и втор во низа, што е јасен показател за растот на формата на младиот тим.
Најефикасни во редовите на победникот беа Андреј Јакимовски со шест и Бојан Мартинов со пет постигнати голови, додека кај домаќинот се истакна Марио Ѓорѓиев со осум реализации.

















