Кошаркарите на Борец Баскет го загубија последниот натпревар од плејоф (Топ 8) фазата во Првата лига на Македонија, откако на гостувањето во Прилеп беа поразени од Мега Баскет со 88:74.
Велешани добро го отворија натпреварот и имаа минимална предност по првата четвртина (18:20), но домаќинот постепено ја презеде контролата. На полувреме Мега Баскет веќе водеше со 39:34, а во третата четвртина ја зголеми предноста на 67:56, што се покажа како клучен момент за конечниот исход.
Најефикасен во редовите на Борец Баскет беше Американецот Зион Тимоти Џејмс Јанг со 16 поени, кој беше и најрасположен во нападот на велешани. Со овој пораз, Борец Баскет ја заврши оваа фаза на четвртата позиција на табелата, откако Бутел славеше над Водно Санс и се искачи позиција погоре.
Сепак, сезоната не е завршена за велешкиот тим – напротив, следува најважниот дел. Противникот во следната рунда ќе биде познат по одигрувањето на денешните натпревари меѓу Струмица и Соколи 1933, по што ќе се комплетира сликата за полуфиналните пресметки.

















