Финалната серија од плејофот во машкото национално првенство започнува на 16 април во Штип, каде што ГОК Борец ќе ја отвори големата пресметка за шампионската титула против екипата на Штип УГД. Велешани, по пауза од три години, повторно се на чекор до историја и ќе се обидат да го освојат првиот шампионски трофеј од осамостојувањето на Македонија.
Иако Штип УГД во финалето влегува како лидер на табелата и актуелен освојувач на Купот на ОФМ 2026, токму Борец сезонава покажа карактер, стабилност и квалитет кои го носат со право во завршната битка. Тимот од Велес не само што беше константен во текот на целата сезона, туку и во Куп финалето пред десетина дена покажа дека може рамноправно да се носи со штипјани.
Сега, влогот е многу поголем, шампионската круна. Серијата се игра до три добиени натпревари, а Борец ќе има шанса пред својата публика во Велес да направи клучен чекор кон титулата. Поддршката од трибините може да биде пресудна.
РАСПОРЕД НА ФИНАЛНАТА СЕРИЈА:
- натпревар (16.04.2026) – Штип УГД – ГОК Борец (Штип)
- натпревар (20.04.2026) – ГОК Борец – Штип УГД (Велес)
- натпревар (23.04.2026) – Штип УГД – ГОК Борец (Штип)
- натпревар (27.04.2026) – ГОК Борец – Штип УГД (Велес)
- натпревар (30.04.2026) – Штип УГД – ГОК Борец (Штип)
Пред Борец стои тежок предизвик, но и историска можност. Велешани одамна ја чекаат оваа шанса, дали токму оваа генерација ќе го донесе шампионскиот трофеј во Велес.

















