Екипата на Борец 1919 е нов шампион на Третата фудбалска лига – Југ, откако на стадионот „Зоран Паунов“ со убедливи 5:0 го декласираше тимот на Питу Гули, но натпреварот наместо спортска борба, донесе несекојдневна слика.
Гостинскиот состав пристигна со само девет играчи, а проблемите кулминираа до 32. минута кога тројца фудбалери на гостинскиот тим се повредија, по што судијата беше принуден предвреме да стави крај на мечот.
Речиси идентично сценарио се случи и во Долни Дисан, каде Превалец на гостувањето кај Венец започна со осум фудбалери, но веќе по 12 минути остана со само шест на теренот. И таму натпреварот беше прекинат, а бодовите службено му припаднаа на домаќинот.
На три кола до крајот, Борец 1919 има недостижни девет бода предност во однос на Превалец, што и математички ја завери шампионската титула за велешани.



















