Жители на Градско подолг период реагираат на непријатна миризба која, според нив, се чувствува во близина на биогасната централа лоцирана во близина на населбата Стопанство. Дел од граѓаните неодамна излегоа на протест, посочувајќи дека миризбата е силна и неподнослива и дека сериозно влијае врз нивното секојдневие.
Според изјавите на жители, освен непријатниот мирис, во дворовите често се забележуваат и остатоци од лушпи и зрнести материи кои, како што тврдат, се разнесуваат низ воздухот. Тие посочуваат дека поради ваквата состојба има зголемен број на инсекти и отежнат престој на отворено, особено во топлите денови. Дел од граѓаните наведуваат и дека чувствуваат здравствени тегоби, поради што бараат институциите да преземат конкретни мерки.
Во врска со проблемот, поднесена е претставка до Народен правобранител на Република Македонија, кој побарал од надлежните служби да извршат инспекциски надзори и да ја утврдат фактичката состојба на терен. Во изминатиот период биле реализирани повеќе вонредни контроли од страна на инспекциските служби.
Од Државен инспекторат за животна средина информираат дека при досегашните мерења на емисиите на гасови не било утврдено надминување на дозволените гранични вредности. По реакциите на граѓаните, на операторот му било наложено да постави систем за континуирано следење на концентрациите на гасови во воздухот. Според официјалните информации, во постројката се поставени неколку мерни станици кои вршат мониторинг во текот на целиот ден.
Од Општина Градско велат дека внимателно ги следат реакциите на жителите и дека ја разбираат нивната загриженост. Оттаму посочуваат дека активно соработуваат со надлежните институции и операторот на постројката, со цел навремено утврдување на состојбата и преземање мерки доколку се утврдат неправилности.
Во меѓувреме, случајот е предмет и на постапување од страна на Основно јавно обвинителство Велес, каде што е оформен предмет и е наредено вештачење. Се очекуваат резултати кои треба да утврдат од каде потекнува миризбата, дали таа е поврзана со конкретниот објект и дали има потенцијално штетно влијание врз здравјето на населението.
И покрај уверувањата на институциите дека измерените вредности се во дозволени граници, жителите на Градско велат дека проблемот со миризбата сè уште постои и најавуваат дека ќе продолжат да бараат решение доколку состојбата не се подобри.
Извор: Светлана Дарудова-Локал Актив Вардар



















