Уште едно велешко име се најде на радарот на селекторот на машката сениорска репрезентација на Македонија, Јошко Миленкоски, во пресрет на подготовките за настапот во Европската лига 2026. Филип Јованов е дел од поширокиот список на позиција либеро, со што добива шанса за својот прв настап во најсилниот национален тим.
Зад него е сезона за паметење. Јованов настапуваше во Словенија, во рамките на словенечката 1Б лига, каде го носеше дресот на ОК Хоче. За него, оваа сезона е една од најуспешните во кариерата, а резултатите го потврдуваат тоа, неговиот тим успеа да го освои третото место во лигата.

„Ова беше една од најдобрите сезони во мојата кариера, ако не и најдобра. Задоволен сум од напредокот и од тоа што го постигнавме како екипа. Покрај спортските успеси, оваа година дипломирав на Факултетот за електротехника и информатика во Марибор (ФЕРИ), што за мене претставува големо достигнување, особено затоа што успеав паралелно да ги комбинирам обврските на теренот и образованието“, изјави за Батали, Јованов.
Тој веќе има настапи за младинската репрезентација на Македонија, а повикот во сениорскиот состав претставува логичен чекор напред и можност за ново докажување на највисоко ниво.



















