Велешкиот кајакар Ангел Петрушевски продолжува да испишува златни страници во македонскиот кајак, откако триумфираше во дисциплината К1 слалом на престижниот Татрански слалом во Липтовски Микулаш, Словачка.
Петрушевски маестрално ја извози патеката, запирајќи го часовникот на 92.74 секунди, што беше доволно за убедливо прво место пред силната домашна конкуренција. Словаците Јакуб Григур заврши на втората позиција со заостанување од 1.41 секунда, додека Давид Скубик беше трет со 2.79 секунди послабо време од велешанецот.
Солиден настап забележаа и останатите македонски натпреварувачи. Кристијан Смилев го освои 17. место, Стефан Рибарски беше 23-ти, Павел Димовски се пласираше на 32. позиција, додека Филип Петрушев заврши како 33-ти. Марко Варналиев беше 41-ви, Виктор Миланов 46-ти, а Левче Картинов и Илија Ѓорѓиев ги зазедоа 48. и 49. место.

Со овој триумф, Петрушевски уште еднаш потврди дека е еден од најголемите македонски адути во кајакот и сериозен кандидат за висок пласман на Олимписките игри во Лос Анџелес 2028, каде од него со право се очекуваат големи работи.



















