Екипата на Младост 1976 е новиот освојувач на Купот на ОФС Велес за 2026 година, откако во финалниот натпревар славеше против Согле со 2:1.
Фудбалерите на Младост уште од самиот старт покажаа дека се решени да стигнат до трофејот. Првиот удар го зададе Јавашев уште во 9. минута, носејќи им водство на својот тим, а истиот играч во 28. минута беше прецизен и од белата точка за предност од 2:0.
Согле успеа да се врати во игра пред паузата, откако Карталовиќ во 41. минута ја затресе мрежата и намали на 2:1, но тоа беше се што тимот успеа да направи во финалето. Во второто полувреме следуваа обиди на Согле да стигне до израмнување, но нападите останаа без конкретна реализација, додека Младост сигурно ја зачува предноста и сосема заслужено стигна до куп-пехарот.
Пред почетокот на финалниот меч, претседателот на ОФС Велес, Трајче Шопов, им го врачи пехарот на шампионите во Општинската лига, екипата на Форца Нова. Воедно, беа доделени и постхумни благодарници на семејствата на фудбалските легенди Зоран Паунов и Јосе Николов, во знак на почит за нивниот придонес во велешкиот фудбал.




















