Вчера пред финалниот натпревар од Купот на ОФС Велес, фудбалот во градот доби уште една потврда дека заедништвото и поддршката се клучни за развојот на спортот. Општина Велес во соработка со ОФС Велес обезбеди спортска опрема за сите фудбалски клубови од Велес, која свечено им беше доделена непосредно пред почетокот на финалето.
Опремата на претставниците на клубовите им ја врачи претседателот на ОФС Велес, Трајче – Тале Шопов, кој истакна дека ваквата поддршка е важен чекор кон подобри услови за работа и развој на фудбалот во општината.
Свеченоста на Градскиот стадион беше дополнета и со доделување на шампионскиот пехар во Општинската лига. Признанието за освоеното прво место заврши во рацете на екипата на Форца Нова, која сезонава доминираше во лигашкото натпреварување.

Емотивен момент пред стартот на финалето беше и постхумното доделување благодарници на семејствата на фудбалските легенди Зоран Паунов и Јосе Николов, како знак на почит за нивниот огромен придонес во развојот на велешкиот фудбал.




























