Велешкиот пингпонгарски клуб „Борец-Тим“ остави силен впечаток на меѓународниот турнир во Италија, каде во конкуренција на дури 325 натпреварувачи од 28 држави постигна резултати кои ги надминаа и најоптимистичките очекувања.
За велешкиот состав настапија Вили Ангелов, Ване Трајковски, Богдан Митушев, Зоран Џоневски и Ненад Диниќ, а турнирот се играше во повеќе категории – сингл, дабл и мешани парови.
Најголем успех во поединечна конкуренција оствари Вили Ангелов, кој во конкуренција на 48 играчи стигна до четвртфинале и пласман меѓу осумте најдобри. По успешно помината групна фаза, Ангелов нанижа победи против двајца претставници на Италија и еден натпреварувач од Шпанија, пред да биде запрен од играчот од Велика Британија кој подоцна го освои турнирот.
Добар настап имаше и Ване Трајковски, кој исто така ја помина групата, но во елиминациската фаза беше поразен од претставник на Полска. Останатите велешки натпреварувачи не успеаја да стигнат до завршницата.

Сепак, вистинска сензација приреди велешкиот двоец Ангелов – Трајковски во конкуренција на двојки. Во апсолутна категорија, каде мечевите се играа до доцна во ноќта, македонскиот пар стигна до четвртфинале, каде беше запрен од фаворизираниот пар од Велика Британија.

Нивниот дуел против Метус и Ричардсон од Лондон беше прогласен за најдобар меч на целиот турнир. Иако британскиот пар важеше за голем фаворит за златниот медал, велешани без респект влегоа во натпреварот и по вистинска драма славеа со 3:2 во сетови. Сите сетови се играа на разлика, а решавачкиот петти сет заврши со 15:13 за македонскиот тандем.

Посебно внимание привлече и поддршката од трибините, каде навивачите на „Борец-Тим“ со знамиња, дресови во боите на клубот и Македонија и несекојдневна атмосфера приредија вистински спектакл, ретко виден на пингпонгарски турнир.

Одличните настапи и спортскиот дух на велешани не останаа незабележани, па „Борец-Тим“ ги собра симпатиите на учесниците и организаторите, кои веќе испратиле покана клубот повторно да учествува на следното издание на турнирот во 2027 година.

„Ова беше огромно искуство за сите нас. Игравме против врвни играчи, но покажавме дека и Македонија има квалитет. Најважно е што оставивме срце на терен и го претставивме Велес и државата во најдобро светло. Поддршката од нашите навивачи беше неверојатна и ни даде дополнителна сила во најтешките моменти“, изјави Вили Ангелов.



















