Во две одделни сообраќајни контроли спроведени во текот на вчерашниот ден, полициски службеници од СВР Велес лишиле од слобода двајца велешани поради сторени прекршоци во сообраќајот.
Првото приведување било извршено на 26 мај околу 16:50 часот на улицата „Благој Ѓорев“ во Велес, каде полициски службеници сопреле патничко возило „сеат“ со велешки регистарски ознаки. При извршените проверки било утврдено дека возачот Х.Р.(20) од Велес управувал возило иако имал активна заштитна мерка, забрана за управување со моторно возило.
Неколку часа подоцна, околу 21:45 часот на улицата „Ангел Мишев“, бил лишен од слобода и Г.А.(59) од Велес. При сообраќајна контрола на патничко возило „форд“ со велешки регистарски ознаки, полицијата констатирала дека тој управувал возило пред да се стекне со право на управување, а дополнително бил и под дејство на алкохол.
„Кај возачот биле измерени 1,45 промили алкохол во крвта“, информираа од СВР Велес.
Од полицијата посочуваат дека по целосно документирање на двата случаи ќе бидат поднесени соодветни пријави.






















