Негативниот природен прираст во Македонија продолжува и во првиот квартал од 2026 година, покажуваат најновите податоци на Државен завод за статистика. Статистиката открива дека бројот на починати лица повторно е значително поголем од бројот на новородени деца, што ја продлабочува демографската криза во државата.
Според објавените податоци, природниот прираст во периодот јануари – март 2026 година изнесува -1.962, односно за толку е поголем бројот на починати лица во однос на бројот на живородени деца. Негативен природен прираст е регистриран во дури 66 општини низ земјава.
Во првите три месеци од годинава се родени 3.380 деца, што претставува намалување од 4,1 процент во споредба со истиот период лани. Истовремено, бројот на починати лица достигнал 5.342, што е благо намалување од еден процент во однос на првиот квартал од минатата година.
Меѓу починатите, според статистиката, се евидентирани и девет доенчиња.
Податоците повторно ја отвораат темата за иселувањето, стареењето на населението и намалениот наталитет, кои со години претставуваат еден од најголемите предизвици за демографската слика на Македонија.























