Два случаи на семејно насилство и закани во семејството биле регистрирани во текот на викендот во Велес, при што полицијата привела две лица кои биле под дејство на алкохол.
Како што информираат од СВР Велес, денеска околу 00:30 часот бил лишен од слобода 53-годишниот Ф.Д. од Велес, по пријава од Центарот за социјални работи дека по кратка расправија физички го нападнал својот 16-годишен син.
„По преземени мерки било констатирано дека Ф.Д. бил под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,87 промили алкохол во крвта. Тој е задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, соопштија од полицијата.
Претходно, на 31 мај во 21:40 часот, полициски службеници го привеле и 34-годишниот А.А. од Велес, по пријава дека во семејниот дом им се заканувал на своите родители.
Според пријавеното, ваквото однесување траело подолг временски период. По интервенцијата на полицијата било утврдено дека и тој бил под дејство на алкохол, при што му биле измерени 0,87 промили алкохол во крвта.
„А.А. е задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, додаваат од СВР Велес.
За двата случаи е известено Основното јавно обвинителство, а по целосно расчистување и документирање на настаните ќе следуваат соодветни поднесоци.






















