Одбојкарските ветерани на Борец продолжуваат со одличните настапи во Државната лига на ветерани. На турнирот од петтото коло, кој на 7 јуни се одржа во спортската сала „Партизан“ во Струмица, велешани забележаа убедлива победа над екипата на 11 Октомври од Прилеп со 2:0 во сетови (25:11, 25:9).
Со оваа победа Борец ја продолжи доминацијата во лигата и остана осамен на врвот на табелата. Прилепчани до овој натпревар беа без пораз и заедно со Борец го делеа првото место, но велешките ветерани не им оставија никакви шанси, дозволувајќи им да освојат само 20 поени во двата сета.
Во редовите на Борец сите линии функционираа беспрекорно, а посебен белег на победата дадоа техничарот Зоран Забев и напаѓачот Тодор Стојанов, чии акции беа нерешлива енигма за противничката одбрана.
Во останатите натпревари од колото, Скопје ја совлада Струмица со 2:0 (25:15, 25:15), додека Тетово беше подобро од Гевгелија со 2:0 (25:14, 25:15).
По четири одиграни натпревари, Борец е првопласиран со максимални 12 бодови и импресивна сет-разлика од 8:0, без ниту еден загубен сет. Во наредното, последно коло од пролетниот дел на сезоната, велешани ќе се сретнат со екипата на Струмица на турнирот чиј домаќин ќе биде Скопје.






















