Под мотото „Ти подарувам бесмртност“, вчера во Ликовниот салон во Велес се одржа традиционалната крводарителска акција по повод одржувањето на Рациновите средби, во организација на Црвениот крст на РСМ – Општинска организација Велес и Општина Велес.
Акцијата годинава постигна рекорден одѕив, при што беа дарувани вкупно 90 крвни единици, што е најголем број досега забележан на оваа крводарителска акција. За споредба, минатата година биле собрани 36 крвни единици.
Посебно охрабрува податокот што четворица од крводарителите за првпат се вклучиле во оваа хумана мисија, придонесувајќи за спасување човечки животи.
Крводарителската акција заеднички ја реализираа Црвениот крст на РСМ – Општинска организација Велес и Институтот за трансфузиона медицина од Скопје. Во организацијата и спроведувањето на настанот активно учествуваа и петмина волонтери од Клубот на млади при Црвениот крст.






















