Велес викендов повторно ќе биде центар на македонскиот ендуро спорт. На 27 и 28 јуни, на ендуро полигонот „MX Track Motoveles“, ќе се одржат првата и втората трка од Државниот ендуро шампионат на Македонија.
Организатори на натпреварите се мотоклубот „Мото Велес“, Мотоциклистичката федерација на Македонија и Општина Велес, кои и годинава продолжуваат со традицијата на организирање на оваа спортска манифестација. Шампионатот во Велес се одржува по 16-ти пат и веќе е препознатлив како една од најзначајните ендуро трки во државата.
На патеката се очекува настап на натпреварувачи од повеќе мотоклубови од Македонија, кои ќе ги одмерат силите во класите Е1, Е2, Е3 и Е-јуниор.
Организаторите најавуваат два дена исполнети со адреналин, атрактивни возења и неизвесни дуели на теренот, а љубителите на мотоспортот ќе имаат можност одблиску да ги проследат настапите на најдобрите македонски ендуро возачи.






















