Во пресрет на новата натпреварувачка сезона 2026/2027, кога Одбојкарската федерација на Македонија официјално го отвори летниот преоден рок, вицешампионот Борец не чекаше долго за првиот потег на трансфер-пазарот. Велешани го промовираа Ангел Бошков како прво засилување за новата сезона.
Дваесет и четиригодишниот надворешен напаѓач пристигнува од редовите на Работнички, а зад себе има и интернационално искуство, откако една сезона настапуваше во Словенија. Бошков е висок 195 сантиметри и важи за одбојкар кој може да донесе дополнителен квалитет во офанзивната игра на Борец.

Со овој трансфер, велешкиот клуб јасно ги најавува високите амбиции за сезоната 2026/2027. По освоеното второ место во првенството и загубеното финале во Купот минатата сезона, во Борец не ја кријат желбата конечно да стигнат до шампионската титула и да ја вратат на трофејната полица.
Летниот преоден рок за домашните одбојкари и одбојкарки ќе трае до 31 август, а се очекува Борец да биде активен и во наредниот период со нови засилувања во составот.






















