Од септември повторно ќе биде воведена наплата на паркирањето во центарот на Велес, најави градоначалникот Марко Колев. Пред да започне примената на новиот режим, Советот на Општина Велес треба да донесе одлука со која ќе се овозможи повторното воведување на платениот паркинг, пишува СДК.
Наплатата на паркирањето во централното градско подрачје беше укината во 2021 година, кога новиот состав на Советот изгласа привремено запирање на оваа практика. Тогаш беше соопштено дека станува збор за времена мерка и дека платениот паркинг ќе се врати откако ќе се обезбедат потребните услови. Пред укинувањето, системот функционираше околу пет месеци.
„Веќе почнавме преку јавното претпријатие да бележиме места за паркирање на одредени паркинзи. Треба фазно да го враќаме платениот паркинг во централното градско подрачје. Тоа е заради воведување ред во сообраќајот во Велес. Бидејќи ова што се случува е безредие. Со оваа одлука ќе бидат вклучени и новите паркинзи. Кога ќе биде готова и подземната катна гаража и таа ќе биде вклучена“, изјавил градоначалникот Колев.
За организирањето и спроведувањето на системот за платено паркирање и понатаму ќе биде задолжено Јавното претпријатие „Парк спорт и паркинзи“, кое и претходно управуваше со оваа дејност.
Извор на веста: SDK






















