Фудбалерот Џемал Ибрахимовиќ, кого велешката спортска јавност добро го памети по настапите во дресот на ФК Борец 1919 во Првата македонска фудбалска лига, наскоро би можел да ја промени клупската средина. По истекот на договорот со германскиот МСВ Бон, 25-годишниот играч за врска е слободен во изборот на нов ангажман.
Ибрахимовиќ, кој потекнува од велешкото село Мелница, своите први фудбалски чекори ги направи токму во Борец, каде што се афирмираше како еден од најперспективните играчи од средниот ред.
По интернационалното искуство во Германија, интересот за неговите услуги повторно е голем. Според информациите, Џемал веќе има конкретни понуди од клубови кои настапуваат во Првата и Втората македонска фудбалска лига, а во наредниот период се очекува да донесе одлука каде ќе ја продолжи кариерата.
Дали искусниот играч од средниот ред повторно ќе го гледаме на македонските терени, а можеби и во дресот на клуб кој е добро познат за велешката публика, останува да се види. Едно е сигурно, Џемал Ибрахимовиќ повторно е едно од поинтересните имиња на домашниот фудбалски пазар.






















