Жителите на велешкото село Рудник се соочуваат со сериозен проблем со водоснабдувањето. Според порака од жител на селото испратена до нашата редакција, повеќе од два месеци од селската чешма и локалниот водовод нема вода за пиење.
Проблемот е особено тежок во летниот период, кога високите температури дополнително ја зголемуваат потребата од вода, а жителите, како што велат, се принудени сами да се снаоѓаат за основните животни и хигиенски потреби.
„Во село Рудник, Велешко, веќе повеќе од два месеци немаме капка вода за пиење од селската чешма и локалниот водовод. Оставени сме сами на себе среде лето да се снаоѓаме за основните животни и хигиенски потреби. Ова е недозволиво во 21 век“, вели жител на Рудник во порака до нашата редакција.
Жителите упатуваат јавен апел до Општина Велес и надлежните служби итно да реагираат, да излезат на терен и да утврдат каде е проблемот со водоснабдувањето.
„Чистата вода за пиење е основно човеково право, а не луксуз. Бараме надлежните итно да го лоцираат дефектот и да го санираат проблемот“, се наведува во апелот.
Жителите бараат проблемот да не се одложува повеќе и очекуваат конкретна реакција од надлежните институции по повеќе од два месеци без редовно снабдување со вода за пиење.






















