Младите ракометари на велешкиот Ракометен клуб „Гемиџии“, генерација 2011 година, го освоија шестото место на големиот меѓународен турнир „Handball Trophy Serbia“, кој од 22 до 26 август се одржува во Крагуевац, Србија.
Во првиот натпревар за пласман, велешани го совладаа полскиот претставник „Гвардиа“ со резултат 16:14. Иако во текот на натпреварот имаа предност од дури осум голови, „Гемиџии“ на крајот мораа да се борат за секоја топка и да го сочуваат водството. Во борбата за петтото место, велешките ракометари загубија од бугарскиот „Шардафон“ со 18:13, со што турнирот го завршија на шестата позиција.
Иако останаа без пласман меѓу најдобрите пет, настапот на младите „Гемиџии“ е уште еден доказ дека Велес има со што да се гордее и дека во градот расте нова генерација ракометари кои можат да ја носат иднината на велешкиот ракомет.
За младите велешани, настапот на силен меѓународен турнир е драгоцено искуство и можност да се натпреваруваат со врсници од различни земји, а постигнатите резултати се потврда дека со работа, посветеност и правилен развој, Велес може повторно да има значајна улога на ракометната мапа.






















