Велешанецот Златко Велковски нуди 300 евра од својата пензија за секој граѓанин кој ќе пријави лице кое намерно предизвикува пожар, доколку тоа лице биде правосилно осудено.
Велковски преку објава на социјалните мрежи покренува иницијатива за воведување парични награди за граѓаните кои ќе помогнат во откривањето на лицата кои намерно предизвикуваат пожари.
Тој бара од Центарот за управување со кризи да отвори посебна наменска жиро-сметка на која би можеле да се уплаќаат средства за оваа намена, со цел иницијативата да биде поддржана и од други граѓани.
„Јас лично од својата скромна пензија за почеток сум спремен да доделам 300 евра за секој пријавен и правосилно осуден потпалувач“, наведува Велковски.
Тој ги повикува граѓаните да ја споделат иницијативата и да се приклучат, оценувајќи дека е време од коментари на социјалните мрежи да се премине кон конкретни решенија.
Иницијативата засега е личен предлог на Велковски, објавен на социјалните мрежи.
До 7:30 часот утринава на територија на државата се регистрирани се вкупно 31 пожар на отворен простор. Од нив четири се активни, три се под контрола, а 24 пожари се изгаснати – соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК) во утринскиот извештај за состојбата со пожарите на отворен простор во државата.






















