Новата сезона во Третата македонска фудбалска лига – Централен регион стартува на 13 септември, а актуелниот шампион Борец 1919 АД во одбрана на титулата ќе тргне со домашен натпревар против Млекар.
Велешкиот состав минатата сезона ја освои шампионската титула, но не успеа да направи чекор погоре и да обезбеди место во Втората македонска фудбалска лига. Борец 1919 АД во баражот за пласман беше убедливо поразен од Кожуф со 4:0.
Во првото коло, кое ќе се игра на 12 и 13 септември, се среќаваат:
- ГФК Победа (Прилеп) – Превалец
- Влазними Јуниор – Росоман
- Бучин – Вардар Неготино
- Големо Коњари – Башкими
- Победа Пепелиште – Питу Гули Крушево
- Борец 1919 АД – Млекар
- Венец Долни Дисан – Ултрас Прилеп
Особено интересна ќе биде борбата за врвот, бидејќи новата сезона носи и поинаков систем за пласман во Втората лига. Третата македонска фудбалска лига од оваа сезона е поделена во шест региони, а шампионите ќе се борат за трите места кои водат во второлигашката конкуренција. Во лигата ќе настапат и три екипи кои испаднаа од второлигашката конкуренција.
Според пропозициите, првопласираниот тим од секој регион ќе игра бараж натпревар против шампион од еден од останатите пет региони, при што противниците ќе бидат одредени со ждрепка. Трите победници од баражите ќе обезбедат пласман во Втората лига.
За екипите од Централниот регион дополнителен мотив ќе биде и борбата за опстанок. Последните три екипи од табелата испаѓаат, додека во случај шампионот да обезбеди промоција во Втората лига, бројот на испаѓачите се намалува на две екипи.






















