Велешанецот Филип Јованов премиерно на Европско првенство: „Не одиме со бело знаме“

Македонската одбојкарска репрезентација го започнува настапот на своето четврто Европско првенство, а меѓу репрезентативците кои ќе го почувствуваат најголемиот репрезентативен предизвик досега е и велешанецот Филип Јованов.

Zito baner

Либерото на македонската репрезентација премиерно ќе настапи на едно Европско првенство во сениорска конкуренција. За Јованов, кој веќе има настапи за младинските национални селекции, повикот во сениорскиот состав претставува логичен чекор напред во кариерата, но и огромна чест.

Agria

„Чест и задоволство е што ќе бидам дел од едно вакво големо натпреварување, особено затоа што претходните три ги следев на малите екрани. Свесни сме за силината на противниците, но и за она што ние го поседуваме како квалитет и тоа дека сме подготвени да го дадеме нашиот максимум. Ќе се бориме за секој поен, секој сет, секој натпревар, не одиме со бело знаме и се надевам ќе ја израдуваме македонската јавност“, вели Јованов.

Зад велешанецот е и сезона за паметење. Јованов настапуваше во Словенија, во рамките на словенечката 1Б лига, каде го носеше дресот на ОК Хоче. Со одличните настапи во текот на сезоната, тој помогна својот тим да стигне до третото место во првенството, што дополнително ја потврди неговата форма и квалитет.

Сега пред него е ново поглавје, сениорско Европско првенство и можност за првпат да заигра на големата европска сцена во националниот дрес.

За Македонија ова ќе биде четврто учество на континенталниот собир, а репрезентативците најавуваат борба без калкулации и максимален ангажман во секој натпревар.

Во таквата битка, својата улога ќе ја има и велешанецот Филип Јованов, кој од следењето на Европските првенства пред телевизискиот екран стигна до можност самиот да биде дел од најголемата европска одбојкарска сцена.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: