Фудбалерите на Борец 1919 АД продолжуваат со одличниот старт на сезоната во Третата фудбалска лига – Регион 4. Велешани ја забележаа и втората победа во второто коло, откако на гостувањето во Крушево славеа против Питу Гули со 3:1.
Борец го отвори резултатот уште во 5. минута преку Пеце Стојанов, кој донесе рано водство за гостите. На вториот погодок се чекаше до 68. минута, кога Марио Наумовски зголеми на 0:2 и му овозможи на Борец мирна предност во завршницата.
Домашните не се предадоа и во 73. минута преку Ѓорѓи Стрезовски намалија на 1:2, внесувајќи неизвесност во натпреварот. Сепак, надежите на Питу Гули ги прекина повторно Пеце Стојанов. Најдобриот стрелец на Борец по вторпат се запиша во листата на стрелците во 87. минута и ги постави конечните 1:3.
Со шест освоени бодови од првите две кола, Борец 1919 има максимален учинок на стартот од сезоната. Во следното коло велешкиот тим ќе го пречека Башкими од Горно Јаболчиште на стадионот „Зоран Паунов“ во Велес.






















