Велес од денеска до недела ќе мириса на вкусна пита, која ќе се залие со квалитетно вино и ќе биде проследена со добра музика. Започнува овогодинешното издание на Фестивалот на велешка пита и вино „Питијада 2026“, под мотото „Вкус што раскажува традиција“.
Фестивалот традиционално ќе започне со најмладите, со настап на децата од велешките градинки, по што ќе следува еден од најпрепознатливите моменти на „Питијада“ – подготовката на џиновската пита пастрмајлија.
Петочната вечер ќе продолжи со богата музичка програма. Прв на сцената ќе настапи велешанецот Тони Андреев, по што следуваат Влатко Миладиноски и Златко Миладиноски со оркестарот. Првата фестивалска вечер ќе ја заокружи Влатко Лозаноски – Лозано, најавен како главна музичка ѕвезда.
Годинава „Питијада“ носи и новитет – избор на најдобра велешка пита. За првпат, во рамки на фестивалот, во соработка со „Гастро мак“, традиционалната велешка пита ќе ја оценува жири составено од 15 познати шефови, со што локалната гастрономска традиција ќе се најде пред професионални кулинарски имиња.
Во Велес доаѓаат познати гастрономски имиња, меѓу кои Стево Карапанџа, Уве Мишел и Драгица Лукин, кои ќе бидат дел од настанот што ги спојува велешката традиција и светската гастрономија.
Изборот за најдобра велешка пита е закажан за недела, 11 октомври, со почеток во 12 часот, пред главната бина. Петнаесет шефови, една традиција и еден победник – во натпревар во кој главната улога ќе ја има препознатливата велешка пита.
„Питијада 2026“ и годинава ветува спој на традиционални вкусови, вино и музика, со кои Велес ќе биде центар на фестивалските случувања во текот на викендот.

























