Во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес се одржа промоцијата на хуманитарната книга „Приказни за оние што ги нема“, создадена од група автори со заедничка желба преку пишаниот збор да помогнат во лекувањето на нивната сограѓанка Ивана Герасимов. Идејата за издавањето на книгата потекнала од Вероника Саздовска Добревска.
Преку лични приказни, искрени емоции и избрани извадоци од книгата, авторите ги споделија своите размислувања за луѓето кои повеќе не се меѓу нас, но продолжуваат да живеат преку спомените, зборовите и чувствата на оние што ги сакаат. Промоцијата беше потсетник дека зад секоја приказна се крие дел од нечиј живот, љубов и сеќавање, а дека пишаниот збор може да биде и начин да се испрати порака на солидарност и човечност.
Настанот имаше и хуманитарен карактер. Присутните имаа можност да изберат и други книги, а средствата од нивната продажба беа наменети за лекувањето на Ивана Герасимов. Како знак на благодарност, секој од присутните доби и рачно изработен подарок од Ивана.
























