Жена од Росоман е единаесеттата жртва на западнонилска треска во Македонија од почетокот на годинава. Според најновиот неделен извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), досега се регистрирани вкупно 71 лице заразено со вирусот, од кои 66 случаи се лабораториски потврдени.
Во периодот од 7 до 13 октомври не е регистриран ниту еден нов позитивен случај, што укажува на смирување на сезонското ширење на инфекцијата.
Сите 11 починати пациенти развиле тешка невроинвазивна форма на болеста. Меѓу нив има десет мажи и една жена, а просечната возраст на починатите е 71 година. Најмладиот пациент имал 62, а најстариот 83 години.
Кај десет од починатите претходно биле регистрирани хронични придружни заболувања. Присуството на вирусот било лабораториски потврдено со серолошка анализа на ликвор.
Најголем број смртни случаи се регистрирани во Скопје, каде што починале девет лица. По еден смртен случај е евидентиран во Росоман и Куманово.

























