Пругата од Велес до Битола ќе се реконструира, надгради и електрифицира, најави министерот за транспорт Александар Николоски. Проектот е вклучен во програмата ИПА 3, која треба да биде усвоена од Европската Унија до крајот на годинава, а да стане оперативна од 1 јануари.
Николоски информираше дека за ова прашање веќе разговарале со евроамбасадорот, а по усвојувањето на програмата ќе следуваат тендерска постапка, избор на изведувач и реализација на проектот.
„Велес – Битола влезе како приоритет. Таму одиме со реконструкција, надградба и многу важно електрификација, затоа што сега до исклучувањето кај Велес е електрична, а после тоа мора да се користи дизел локомотива. Така што, ако имаме електрична, ем ќе е поевтино, ем еколошки е подобро“, изјави Николоски во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5.
Покрај модернизацијата на железничката инфраструктура, министерот најави и набавка на нови електрични локомотиви и патнички возови. Со Европската банка за обнова и развој е постигнат договор за набавка на најмалку пет електрични локомотиви, додека е во завршна фаза договорот со Светската банка за набавка на пет до седум патнички гарнитури.
Дополнително, „Македонски железници – Транспорт“ планира со сопствени средства да набави уште два воза во текот на следната година. Со најавените инвестиции се очекува обновување на железничкиот возен парк, поекономичен превоз и намалување на штетните емисии, а електрификацијата на пругата Велес – Битола би овозможила електричен железнички сообраќај на делницата која сега бара употреба на дизел локомотиви.

























