Седумдесетгодишен скопјанец бил приведен откако со автомобил „фиат“ излетал од коловозот на регионалниот пат Извор–Велес, во близина на крстосницата кај Чашка. При полициската контрола било утврдено дека возел под дејство на алкохол, со измерени 1,96 промили во крвта.
Според информациите од полицијата, несреќата се случила на 15 октомври во 12:10 часот. Полициски службеници од Полициското одделение Чашка го лишиле од слобода Б.Ј. (70) од Скопје, кој го управувал возилото со скопски регистарски ознаки.
Во несреќата нема повредени лица. Увид на местото извршила екипа од СВР Велес, а возачот бил задржан во полициска станица.
За настанот бил известен јавен обвинител. По целосното документирање на случајот, против возачот ќе биде поднесена соодветна пријава.

























