Фудбалерите на Башкими ја забележаа втората победа сезонава во Третата фудбалска лига – регион 4, откако на стадионот во населба Чашка го совладаа Млекар со убедливи 4:1.
Башкими поведе уште во 6. минута со голот на Александар Јордановски. Гостите се вратија во игра во 52. минута, кога Димитар Гроздановски погоди за израмнување на 1:1.
Сепак, домашните брзо ја презедоа контролата. Елфати Тахири во 65. минута од пенал повторно му донесе водство на Башкими, а Еди Мандак со два гола, во 71. и 81. минута, ја потврди убедливата победа од 4:1.
По шест одиграни кола, Башкими е на осмото место на табелата со осум освоени бода. Во следното коло, фудбалерите на Башкими ги очекува гостување во Крушево, каде што ќе се соочат со екипата на Питу Гули.

























