Ветераните на Борец дел од меморијалниот турнир во чест на Божо Димчевски – Јабланот

Ветераните на Борец од Велес беа дел од меморијалниот фудбалски турнир што вчера се одржа на Градскиот стадион „Петар Милошевски“ во Битола, во чест на неодамна починатиот капитен на Пелистер, Божо Димчевски – Јабланот.

Zito baner

Турнирот беше организиран од ФК Пелистер Ветерани, а покрај домаќините и ветераните на Борец од Велес, учество зедоа и ветераните на Тетекс од Тетово. Трите екипи се собраа на теренот за да му оддадат почит на фудбалерот кој остави трага во битолскиот фудбал.

Agria

Велешките ветерани во Битола настапија предводени од Панче Ќумбев, кој на турнирот дојде заедно со своите поранешни соиграчи Илче Боров, Перо Ранготов, Баже Петров и Баже Левков, како и останатите фудбалери кои низ годините го носеле дресот на Борец.

Кај ваквите ветерански натпревари резултатот секогаш е во втор план. Она што останува е љубовта кон фудбалот, дружењето и почитта кон оние кои оставиле белег во спортот. Сепак, иако станува збор за ветерани, на теренот не недостасуваше натпреварувачкиот дух, имаше борба за секоја топка, коментари за пропуштените шанси, расправии околу головите и потези што потсетуваат на деновите кога овие фудбалери ги бранеа боите на своите клубови.

За ветераните на Борец, настапот во Битола беше уште една можност за средба со старите фудбалски пријатели.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: