Илон Маск изјави дека спојувањето на неговите две компании, Спејс Икс и Тесла, е добра идеја и дека се формирани посебни комисии кои ќе разговараат за такво обединување. Оваа вест предизвика скок на акциите на вселенската и технолошка компанија за 8% во продолженото тргување.
Компанијата претходно ја објави својата прва добивка откако стана јавно тргувано друштво, а Маск изјави дека очекува годишен приход од 500 милијарди до 1 билион долари до крајот на 2027 година, поттикнат од наглиот пораст на побарувачката за простор во податочните центри, што е последица на експанзијата на вештачката интелигенција.
Маск и во минатото им даваше навестувања на акционерите за можноста за спојување на Спејс Икс и Тесла укажувајќи на сè поголемото преклопување помеѓу нивните дејности. Шпекулациите дека вселенската компанија би можела да го преземе производителот на електрични возила зачестија во последно време, при што банката „Барклис“ минатата недела сугерираше дека договорот би можел да биде објавен пред годишното собрание на Тесла во декември.
„Мислам дека тоа би било добра идеја, но одлуката всушност зависи од посебните комисии на двете компании“, рече Маск, што претставува прва официјална потврда дека компаниите формално преговараат. „Бидејќи сум страна со конфликт на интереси, не можам да учествувам во дискусиите на посебните комисии“, кои се составени од независни директори, им објасни тој на инвеститорите за време на конференциски повик.
Тој додаде дека компаниите ги формирале овие посебни комисии на барање на акционерите, кои на крајот ќе треба да го одобрат договорот.
„Навистина сметам дека има голема оправданост во спојувањето на компаниите, бидејќи практично се наоѓаме во фаза на ’сингуларитет на супер-интелигенција‘. Постојат големи придобивки од соработката во развојот на софтвер за супер-интелигенција, дизајнирање чипови – тука, се разбира, е и ’Терафаб‘ – како и во роботиката, транспортот на маса во орбитата преку констелацијата ’Стармајнд‘ и поврзувањето“, изјави тој.
„Терафаб“ – заедничкото вложување на двете компании за производство на чипови – би требало да го произведе својот прв тестен чип околу мај или јуни следната година, а целта е да се достигне сериско производство до третиот квартал од 2028 година, наведе Маск за време на повикот.
Маск додаде дека би било прерано да се претпостави оти ќе дојде до спојување на Спејс Икс и Тесла, напоменувајќи дека специјалните комисии сè уште немаат постигнато договор за условите на трансакцијата, а можеби и никогаш нема да постигнат. Акциите на Тесла пораснаа за 1,8% во продолженото тргување.
Како најбогат човек во светот, Маск поседува речиси една петтина од Тесла и нешто помалку од половина од Спејс Икс , а аналитичарите велат дека спојувањето би му овозможило контрола врз споениот субјект.
Приходите на Спејс Икс се зголемија за 161%, достигнувајќи 14,58 милијарди долари во тримесечјето што заврши на 30 септември, во споредба со истиот период претходната година. Приходите поврзани со вештачката интелигенција (ВИ) пораснаа речиси десеткратно, на 7,56 милијарди долари, главно преку изнајмување капацитети на податочни центри на развивачи како што се Антропик и Гугл, наместо преку сопствени модели на вештачка интелигенција.
Третиот квартал понуди досега најјасен доказ дека големите инвестиции на Спејс Икс во вештачката интелигенција резултираат со приходи, иако трошоците за компјутерска инфраструктура остануваат огромни – капиталните расходи се речиси тројно зголемени, достигнувајќи 19,6 милијарди долари.

























