Почина Крис Реа, авторот на легендарната „Driving Home for Christmas“

Британскиот кантавтор Крис Реа, најпознат по празничниот хит „Driving Home for Christmas“, почина на 74-годишна возраст, соопшти неговото семејство во понеделникот, на 22 декември 2025 година.

„Со огромна тага ја соопштуваме смртта на нашиот сакан Крис. Тој почина мирно во болница по кратко боледување, опкружен од своето семејство“, изјави портпарол во име на неговата сопруга и двете ќерки. Во објава на официјалните профили на Реа на социјалните мрежи се додава дека неговата музика била саундтрак на животите на многумина и дека неговото наследство ќе живее преку песните што ги остави зад себе.

Agria

Крис Реа е роден во 1951 година во Мидлсбро, во североисточна Англија, од татко Италијанец и мајка Ирка. По напуштањето на училиштето работел различни работи и помагал во семејниот бизнис со сладолед. Со гитарата почнал релативно доцна – на 21 година, а по настапите со неколку бендови, започнал соло кариера.

Популарност стекна кон крајот на 1970-тите со песни како „Fool (If You Think It’s Over)“ и „Let’s Dance“. Албумите The Road to Hell (1989) и Auberge (1991) се искачија на првото место на британските топ-листи. Препознатлив по својот рапав вокал и slide-гитарата, Реа сними вкупно 25 соло албуми, од кои два беа број еден во Велика Британија, а во раната фаза од кариерата доби и номинација за Греми.

Иако „Driving Home for Christmas“ не доживеа моментален успех по објавувањето во 1986 година, со текот на времето стана една од најомилените божиќни песни во Обединетото Кралство. Во последните недели повторно се најде меѓу најслушаните, достигнувајќи го 30-то место на топ-листите и беше дел од божиќната реклама на синџирот супермаркети Marks & Spencer.

Реа во интервјуа откри дека песната ја напишал за време на тежок период во животот, кога останал без менаџер, му било забрането да вози, а сопругата управувала со автомобилот. „Ги гледав другите возачи – сите изгледаа уморно и намуртено. На шега почнав да пеам ‘We’re driving home for Christmas…’, а потоа почнав да ги запишувам стиховите“, раскажуваше тој.

Музичарот со години имаше здравствени проблеми, меѓу кои и рак на панкреасот, поради што во 2001 година му беше отстранет панкреасот, а во 2016 година доживеа мозочен удар. Во подоцнежните години се оддалечи од поп-звукот и се насочи кон блузот.

Крис Реа зад себе ги остави сопругата и двете ќерки.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: