АХВ спречи увоз на 50 тони небезбедна храна на македонскиот пазар

Svinsko meso mesara

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спречи увоз на вкупно 50 тони небезбедна храна која требало да заврши на македонскиот пазар, по контроли спроведени на граничните премини.

Како што информираат од АХВ, официјалните ветеринари на граничниот премин Ќафасан забраниле влез на 27 тони говедско мелено месо со потекло од Парагвај. При проверка во информативниот систем и увид во увозната документација било утврдено дека месото потекнува од објект кој не е одобрен од Агенцијата, што значи дека не се исполнети основните безбедносни стандарди за увоз.

Agria

Од институцијата посочуваат дека ваквите неправилности отвораат сомнеж за здравствената исправност на производот и претставуваат потенцијален ризик за потрошувачите, поради што е донесена одлука за забрана за негово пласирање на пазарот.

„Апелираме до увозниците строго да ги почитуваат законските регулативи и стандардите, бидејќи здравјето на граѓаните останува врвен приоритет“, велат од АХВ.

Покрај ова, инспекторите за храна минатата недела спречиле и увоз на пратка од 22 тони ореви од Казахстан. Причина за забраната биле несоодветно означување и отстапки од пропишаните критериуми за квалитет и безбедност. Целата количина е вратена во земјата на потекло.

Од Агенцијата најавуваат дека контролите ќе продолжат со засилено темпо, со цел да се спречи внесување на небезбедни производи во земјата.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: