Борец Баскет ја почнува битката за Супер лига, прв предизвик Струмица 2001 на гостински терен

Во сабота започнува плеј-оф разигрувањето во Првата кошаркарска лига за влез во Супер лигата, а екипата на Борец Баскет ја отвора најважната фаза од сезоната со гостување кај фаворитот Струмица 2001.

Велешани како четвртопласиран тим од Топ 8 обезбедија место меѓу најдобрите, но за чекор напред ќе мора да ја минат пречката наречена Струмица 2001, која во регуларниот дел ја заврши сезоната на првата позиција.

Agria

Полуфиналната серија се игра на два добиени натпревари, што значи дека секоја грешка може скапо да чини. Првиот дуел ќе се одигра во сабота во спортската сала „Никола Карев“ во Струмица, додека реваншот е закажан за 22 април во Велес. Доколку резултатот биде израмнет, мајсторката повторно ќе се игра на теренот на струмичани.

Дополнителна неизвесност носи и фактот што двете екипи веќе се добро запознаени – во првиот дел од сезоната, во рамките на групата Б, Борец Баскет и Струмица 2001 забележаа по една победа, и тоа на домашен терен.

Сега, кога влогот е многу поголем, прашањето е дали Борец Баскет може да направи „брејк“ и да ја сврти серијата во своја корист или Струмица 2001 ќе ја оправда фаворитската улога. Одговорот започнува да се пишува веќе во сабота.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: