Одбојкарките на Виола Волеј ја забележаа петтата победа во сезоната, откако во рамки на 23. коло од Втората одбојкарска лига за жени славеа на гостувањето во Тетово против екипата на Бами Кор со 3:1 во сетови (24:26, 20:25, 25:18, 20:25).
Велешанки одиграа одлично во првите два сета и поведоа со 2:0, покажувајќи сигурна и организирана игра на гостински терен. Сепак, домаќинките не се предадоа и успеаја да го добијат третиот сет, со што намалија на 2:1 и внесеа неизвесност во натпреварот. Во четвртиот сет Виола Волеј повторно ја презеде контролата, одигра стабилно во клучните моменти и не дозволи пресврт, па сосема заслужено стигна до конечни 3:1 и нови бодови.
Со оваа победа, на три кола до крајот на првенството, Виола Волеј се наоѓа на 11. место на табелата со освоени 18 бода, што е солиден резултат ако се земе предвид дека тимот оваа сезона за првпат настапува во второлигашката конкуренција.

















