Пионерскиот тим на РК Гемиџии ја забележа втората победа во сезоната, откако во рамки на 12. коло од Пионерската ракометна лига – група Б славеше против екипата на Македонија Ѓорче Петров со 19:17, по полувреме 10:6.
Натпреварот започна подобро за гостите од Скопје кои поведоа со 0:2 и 1:3, но пресврт донесоа двете исклучувања во редовите на гостинскиот состав. Гемиџии ја искористија бројчаната предност, направија серија и до крајот на првото полувреме целосно ја презедоа контролата над резултатот.
Во вториот дел домашниот тим успеа да ја задржи предноста, иако гостите се обидуваа да се вратат во игра. Сепак, ракометарите на Гемиџии одиграа доволно цврсто во одбраната за да ја сочуваат победата до последниот свиреж.
Најефикасен во победничкиот состав беше Андреј Јакимовски со седум погодоци, додека Петар Петровски постигна четири. Кај гостинската екипа по четири гола реализираа Димитар Трајковски, Теодор Гиевски, Матеј Стојановски и Владимир Иванов.

















