Еко-акција под мотото „Остави трага, не ѓубре“ денеска се одржа во Велес, во организација на здружението за обука и едукација на пилоти на дронови „DroneInspect“. Акцијата се одвиваше на потегот од поранешниот ресторан „Аркадија“ до ридот Вршник, каде што волонтерите чистеа отпад оставен во природата. Во акцијата учествуваа повеќе од 50 волонтери, кои со заеднички сили собраа повеќе од 50 вреќи ѓубре од различни локации.

Покрај стандардниот комунален отпад, беше собран и значителен количински различен отпад – од градежен шут, па сѐ до бојлери, санитарни елементи и делови од возила. Организаторите информираат дека во текот на акцијата бил наполнет и еден трактор со разнороден отпад, што уште еднаш укажува на сериозноста на проблемот со несовесното фрлање ѓубре во природата.
Од „DroneInspect“ порачуваат дека ваквите акции ќе продолжат и во иднина, со цел подигнување на јавната свест за заштита на животната средина и поттикнување на одговорно однесување кај граѓаните.


















