Институциите во земјава формално го воспоставуваат системот за интегритет, но неговата реална примена останува нееднаква и често недоволна, особено во делот на управување со ризици и судир на интереси- стои во извештајот на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Анализата покажува дека системот за интегритет треба да премине од декларативна во оперативна фаза, со јасни процедури, механизми за отчетност и реална примена на правилата, особено во чувствителни области како јавните набавки, подароците и управувањето со дискрециони овластувања.
Извештајот укажува дека клучен проблем останува фактот што многу институции ги донесуваат потребните акти, но тие не се применуваат во пракса, што директно влијае врз довербата на граѓаните и ефикасноста на системот. Дополнително, се нагласува потребата од редовни внатрешни проверки, активна улога на раководствата и подобра координација, со цел системот за интегритет да стане функционален механизам, а не само формална обврска.

















