Вечерва, со почеток од 20:30 часот, во СЦ „26 Април“ во Гевгелија ќе се одигра финалето од Купот на Македонија во футсал, каде КМФ Кеги Моби од Велес ќе се соочи со веќе крунисаниот шампион на Македонија, КМФ Проект од Валандово.
Пред велешани стои најголемиот предизвик оваа сезона, дуел против тим кој веќе ја потврди својата доминација во домашното првенство. Но токму тука лежи шансата за Кеги Моби, да ја расипе двојната круна на фаворитот и да ја донесе куп-титулата во Велес.
Патот на Кеги Моби до финалето беше исполнет со драма и неизвесност. Во осминафиналето го елиминираше Шкупи со 4-3, во четвртфиналето беше подобар од Бутел со 8-6, додека во полуфиналето по 4-4 против Јувентус Серава, избори пласман во финале по подобро изведување на пенали (5-4).
Од другата страна, Проект до финалето стигна со убедливи победи, 7-2 против Кратово, 7-4 против Осогово и високи 11-0 против Клими Кавадарци во полуфиналето, потврдувајќи ја формата со која веќе го освои шампионатот.
Сепак, финалињата ретко се решаваат на хартија. Кеги Моби веќе покажа дека има карактер, борбеност и психолошка стабилност кога е најпотребно. Утре ќе има шанса тоа да го претвори во трофеј и да испише клупска историја.
Дали шампионот ќе ја заокружи сезоната со двојна круна, или Кеги Моби ќе го направи изненадувањето и ќе ја донесе куп-титулата во Велес, одговорот ќе го даде теренот во Гевгелија.



















