Нов клон на детска градинка ќе се отвори во Велес, откако дел од старата училишна зграда на ООУ „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ ќе биде реновиран и пренаменет за згрижување деца од предучилишна возраст.
Проектот се реализира преку грант од Министерството за социјална политика, демографија и млади, а договорот денеска го потпиша градоначалникот Марко Колев.
Со обезбедените средства ќе се изврши целосно уредување и опремување на просторот, со што ќе се создадат современи услови за престој и воспитување на децата.
Од Општина Велес посочуваат дека новиот капацитет ќе придонесе за растеретување на постоечките објекти на градинката „Димче Мирчев“, кои подолг период се соочуваат со недостиг на слободни места.
Воедно, со отворањето на новиот клон се очекува да се обезбедат дополнителни места и да се одговори на зголемените потреби на граѓаните за згрижување на деца.

















