Нов кружен тек ќе се гради во Кавадарци, на локацијата каде што се развива комплексот „Литл Америка“ и каде што се очекува отворањето на маркетот „Лидл“. Проектот се реализира со поддршка и донација од компанијата „Лидл“, а локалните власти очекуваат значително подобрување на сообраќајот во овој дел од градот.
Станува збор за инфраструктурна инвестиција која треба да одговори на зголемената фреквенција на возила, особено со оглед на новите комерцијални содржини што се развиваат во овој дел од Кавадарци. Градоначалникот Митко Јанчев најави дека проектот ќе донесе конкретни придобивки за граѓаните и за урбаното функционирање на градот.
„Посебна благодарност до ‘Лидл’ за донацијата и поддршката во реализацијата на овој проект. Со заеднички сили продолжуваме да ја градиме модерната и функционална урбана средина“, изјави Јанчев.
Тој потенцира дека новиот кружен тек ќе значи побрз проток на возилата, намалување на гужвите и зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот.
„Побрз сообраќај, поголема безбедност, подобра поврзаност. Продолжуваме со инвестиции во инфраструктурата за подобро секојдневие на сите“, додаде градоначалникот.
Од Општината очекуваат дека со изградбата на кружниот тек ќе се избегнат сообраќајни тесни грла и ќе се овозможи поефикасно движење, особено во делот околу новиот трговски комплекс, кој постепено се развива во ново урбано јадро на градот.
Проектот се оценува како пример за соработка меѓу јавниот и приватниот сектор, со цел подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во Кавадарци.

















