Во срцето на препораките се мерки што директно ги засегаат секојдневните навики: работа од дома каде што е можно, намалување на брзината на автопатите за најмалку 10 километри на час, посилно користење јавен превоз, ротирачки пристап на приватни автомобили во големите градови, поголемо споделување возење и поефикасно управување со возилата и доставата. ИЕА дополнително предлага и избегнување авионски патувања кога постои алтернатива, особено за службени патувања, бидејќи токму дизелот, авионското гориво и течниот нафтен гас се меѓу најпритиснатите сегменти на пазарот.
Агенцијата оди и подалеку од сообраќајот. Во новиот пакет се бара течниот нафтен гас, каде што е можно, да се тргне од транспортот и да се зачува за основни потреби како готвење, домаќинствата постепено да преминуваат на други модерни решенија за готвење, а индустријата привремено да користи алтернативни суровини и краткорочни мерки за ефикасност и одржување. Пораката е јасна: кризата веќе не се амортизира само со повеќе нафта на пазарот, туку и со помала потрошувачка таму каде што тоа е најизводливо.
Во суштина, ИЕА не предлага само список на рестриктивни мерки, туку модел како владите да го намалат ударот врз граѓаните без да го хранат дополнително ценовниот пожар. Агенцијата отворено предупредува дека добро насочената поддршка за најранливите е поефикасна и поодржлива од широки субвенции, а Европската комисија по вонредниот состанок со ИЕА порача дека токму намалувањето на потрошувачката е една од клучните теми во европскиот одговор. Во својата претходна 10-точка анализа, на која се надоврзува и сегашниот пакет, ИЕА процени дека вакви мерки во развиените економии би можеле да намалат побарувачка за 2,7 милиони барели дневно во рок од четири месеци

















