Министерството за финансии при спроведен надзор над работењето на финансиските друштва констатирало повеќе измамнички трговски практики, главно поврзани со рекламирањето на финансиските услуги, спротивно на одредбите од Законот за заштита на потрошувачите.
Како што информираат од Министерството, при контролите биле утврдени случаи на рекламирање кредити со „0% камата“, иако во договорите за кредит биле предвидени дополнителни трошоци.
Дополнително, биле утврдени и неправилности при рекламирањето на финансиски услуги под одредени брендови без јасно наведување кое финансиско друштво ја нуди услугата. Кај дел од друштвата било констатирано и користење повеќе веб-страници за истата услуга, како и истакнување назив на друштвото во деловните простории што се разликува од официјалниот назив утврден во дозволата за работа.
Министерството за финансии на сите финансиски друштва кај кои биле утврдени неправилности им наложило веднаш да ги отстранат рекламите и натписите во деловните простории што би можеле да ги доведат граѓаните во заблуда.
Во спротивно, како што најавуваат од институцијата, ќе бидат преземени соодветни мерки со цел заштита на граѓаните како корисници на финансиски услуги.
Според законските одредби, финансиските друштва се должни да го користат исклучиво називот наведен во дозволата за работа издадена од Министерството за финансии, како и да имаат една официјална веб-страница која јасно укажува за кое финансиско друштво станува збор.
Согласно Законот за заштита на потрошувачите, трговска практика се смета за измамничка доколку во информациите се изоставени суштински податоци што му се потребни на потрошувачот за да донесе информирана одлука.

















