Со критика за одлуката за зголемување на цените за престој во детските градинки во Велес, како и воведувањето наплата дури и кога децата не посетуваат градинка со реакција денеска излезе советничката Мирјана Петрушевска Савовав од советничката група на СДСМ.
Таа информира дека цената за престој е зголемена од 1.490 на 1.990 денари, односно за околу 30 проценти, без притоа да биде понудено објаснување или јасна методологија за начинот на пресметка.
Дополнително, според Петрушевска Савова, родителите биле изненадени од новата одлука со која се предвидува наплата од 800 денари дури и во случај кога детето не присуствува ниту еден ден во градинката, наспроти досегашните 240 денари.
„Оваа мерка е не само економски неоправдана, туку и длабоко неправедна кон родителите. Да се наплатува услуга која воопшто не е искористена претставува директно кршење на основниот принцип на фер наплата. Зголемувањето од 240 на 800 денари не е постепено ниту разумно – тоа е нагло, непропорционално и без соодветно образложение“, вели Савова во соопштението до медиумите.
Таа предупреди дека ваквата одлука создава сериозен финансиски товар за семејствата, особено за оние кои веќе се соочуваат со економски потешкотии, посочувајќи дека родителите практично се казнуваат во случаи на болест или оправдано отсуство на детето.
Петрушевска Савовав нагласи дека особено загрижува недостатокот на транспарентност, бидејќи не е јасно врз основа на кои анализи е донесена одлуката, ниту е дадено јавно образложение.
Таа итно преиспитување на одлуката најдоцна до крајот на април и воведување правичен и транспарентен модел на наплата кој ќе го земе предвид реалното користење на услугите и социјалната состојба на семејствата, во спротивно, предупреди, ваквите политики ќе ја продлабочат недовербата кон локалната власт и ќе предизвикаат незадоволство кај граѓаните.

















