Младите ракометари на Гемиџии доживеаја пораз на домашен терен откако екипата на Еурофарм Пелистер 2 се покажа како преголем предизвик и славеше со убедливи 12:21 во спортската сала при ООУ „Блаже Конески“.
Иако натпреварот започна со рамноправна игра, клучниот момент се случи во периодот од 16. до 26. минута, кога велешани цели десет минути не успеаја да ја затресат противничката мрежа. Токму тој „пост“ во нападот битолчани го искористија максимално, создавајќи недостижна разлика која им донесе сигурна победа.
До крајот на натпреварот Гемиџии не успеаја да се вратат резултатски, а гостите рутински го приведоа мечот кон крај. Најефикасен во редовите на домашниот тим беше Андреј Јакимовски со 5 постигнати погодоци, но неговиот учинок не беше доволен за поинаков исход.

















